Меѓу главните приоритети на оваа Влада е борбата против коцкањето, го повтори вечерва првиот вицепремиер Изет Меџити од коалицијата Вреди за ТВ Алсат М.
„Ние останавме доследни на нашата кампања, а еден од нашите приоритети беше борбата против коцкањето. Минатата недела со првата одлука на Владата првично беше раскинат договорот за закуп меѓу Лотарија и зградата на поранешниот ресторан ‘Фестина’ во Визбегово. Потоа се укинаа концесиите кои незаконски беа дадени за онлајн казина и третата одлука е борба против организацијата на црното коцкање“, рече Меџити.
Меџити беше прашан и за посетата на рускиот амбасадор на Oпштина Куманово, каде што беше разгледана можноста за воведување на рускиот јазик во училишните програми.
Според Меџити, ова е само средба од локален карактер која не ја разнишува европската визија на оваа Влада и дека САД остануваат најсилниот сојузник на нашата земја.
„Знаете дека оваа влада го пречека премиерот на Косово, Албин Курти во првата официјална посета, а локалните посети на руските амбасадори во Општина Куманово немаат никаква врска со нашата визија, додека одговорот ќе го добијат во следните избори“, изјави Меџити.
Тој потсети и дека протагонистите на оваа влада прво ги посетија САД, Лондон и соседната земја Хрватска.