Албанија за 8 милиони евра купува супер интелигентни дронови
Од Турција соседна Албанија ќе набавува суперинтелигентни беспилотни летала – дронови, пренeсуваат тамошните медиуми.
„За таа цел албанската влада ќе плати 8 милиони евра. Се очекува полицијата да користи интелигентни дронови за контрола на територијата на Албанија“ – наведуваат медиумите.
Кон крајот на минатата година премиерот Еди Рама, најави дека Албанија ќе набави дронови и ќе испрати два сателита во орбитата, именувани како „Албанија 1“ и „Албанија 2“, кои како што објасни, како и интелигентните беспилотни летала, ќе помогнат да се има целосна контрола врз целата територија на земјата”.
„Ќе купиме дронови. Ќе испратиме и сателити во орбитата. Албанија ќе има сателити и тоа многу наскоро за да ја зајакне контролата на целата територија. Не само сателити, туку и интелигентни беспилотни летала за да ја одведат земјата на друго ниво во однос на администрирањето на територијата. Ова се алатки на новата технологија што гарантираат набљудување на територијата, од границите, до изведбата на градби, мониторинг поврзан со информациите потребни од структурите за борба против трговијата со луѓе, со цел целосно да се изолира трговијата со дрога“ – објасни тогаш Рама.
Тој додаде дека Албанија со сателитите и беспилотни летала ќе ја зголеми контролата на територијата во сите аспекти и ќе биде прва земја во регионот која ќе испрати сателити во орбитата.