Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ја осуди заканата на рускиот претседател Владимир Путин со нуклеарно оружје како „неодговорна“.
Кремљ денеска соопшти дека измените што претходно ги најави Путин во руската нуклеарна доктрина треба да се сметаат како „специфичен сигнал“ за Западот.
– Тоа е целосно неодговорно. Мислам дека многумина во светот тоа јасно го кажаа кога Путин се закануваше со нуклеарно оружје – вклучително и Кина, изјави Блинкен за MSNBC.
– Затоа сакам да го повторам тоа и сега, во моменти кога целиот свет се обединува и кога зборуваме за потребата од разоружување и неширење на нуклеарното оружје, додаде Блинкен, кој учествува на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Европската Унија денеска, исто така, го отфрли како „непромислен и неодговорен“ планот на Путин за одобрување на нуклеарен одговор на масовен воздушен напад врз Русија. Рускиот лидер вчера најави измени во нуклеарната доктрина, кои, според новите правила, би дозволиле употреба на нуклеарно оружје против ненуклеарни држави кога тие се поддржани од нуклеарни сили – јасна референца на Украина и нејзините западни сојузници.
– Путин се коцка со својот нуклеарен арсенал, и тоа не е првпат, изјави портпаролот на ЕУ за надворешна политика, Петер Стано. – Ние, секако, силно ги отфрламе овие закани, додаде тој.
Предложеното проширување на руските нуклеарни правила, кое Путин има овластување да го одобри, доаѓа во момент кога Украина бара дозвола од западните сојузници за користење на оружје со долг дострел за напади на цели длабоко во Русија. Киев тврди дека е потребно да се нападнат руските аеродроми и воената инфраструктура која Кремљ ја користи за да започне напади врз Украина. САД и другите западни земји се исклучително внимателни во однос на давањето на таква дозвола.
– Ова е само продолжение на многу неодговорното и неприфатливо однесување на Путин, изјави Стано за најновата закана, која пристигна додека бројни светски лидери присуствуваа на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Позицијата на Путин беше уште „понепромислена“, рече Стано, бидејќи „доаѓа од лидер на постојана членка на Советот за безбедност на ОН“.
Планираната руска промена на нуклеарната доктрина, која ќе му овозможи на рускиот претседател да користи нуклеарно оружје и против ненуклеарни сили, денеска ја коментираше портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.
– Ова мора да се смета како специфичен сигнал. Сигнал кој ги предупредува тие земји на последиците ако учествуваат во напад врз нашата земја со различни средства, не нужно нуклеарни, изјави Песков за новинарите за промените што ги најави претседателот вчера.
Путин се закани дека неговата земја ќе користи нуклеарно оружје ако некоја држава ја нападне и дека секој конвенционален напад со поддршка на некоја нуклеарна сила ќе се смета за здружен напад. Отворајќи седница на Советот за безбедност на која учествуваа највисоките руски функционери, Путин изјави дека се предложени промени на руската нуклеарна доктрина и дека сака да истакне една од предложените клучни промени.
„Се предлага агресијата врз Русија од страна на некоја држава без нуклеарно оружје, но со учество или поддршка на нуклеарно вооружена земја, да се смета за заеднички напад врз Руската Федерација“, рече тој.
– Јасно се утврдени и условите за премин на Русија кон употреба на нуклеарно оружје, нагласи Путин и додаде дека Москва ќе го разгледа таквиот потег ако забележи масовен напад со ракети, авиони и дронови врз своја територија.
Русија го задржува правото на употреба на нуклеарно оружје ако таа или Белорусија бидат мети на агресија, вклучително и напади со конвенционално оружје, предупреди тој. Путин изјави дека овие „разјаснувања се внимателно калибрирани“ и дека се „соодветни на современите воени закани со кои се соочува Русија“.
Голем дел од западните аналитичари истакнуваат дека е интересно тоа што рускиот претседател досега најдиректно му се закани на Западот со користење на нуклеарно оружје само ден пред важната средба меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа. Имено, денеска Зеленски во Вашингтон треба да му го претстави на Бајден својот „план за победа“.
Киев, всушност, очекува силна поддршка од американскиот лидер пред Бајден да ја напушти Белата куќа. Според Би-Би-Си, висок функционер во Киев изјави дека тие сакаат „Бајден да се запише во историјата“ во неговите последни месеци на функцијата.
Иако Киев деталите од планот сè уште ги држи во тајност, стратегијата веројатно ќе вклучува барања за понатамошна воена и финансиска поддршка, како и безбедносни гаранции за иднината. Зеленски тврди дека планот е дизајниран како „мост“ кон завршување на војната, за која верува дека може да заврши „побрзо од очекуваното“.