Освојувачот на „Златната копачка“ од 1991 година, Дарко Панчев, вчеравечер при промоцијата на неговата книга – авторизирана биографија упати порака до младите да спортуваат.
– Му благодарам на Зоран Михајлов, нашиот доајен на спортското новинарство, кој цел живот го посвети на спортот, што се нафати да ја напише мојата биографија. Со своето искуство срочи книга, која мислам дека ќе ви биде интересна за читање. Можеби ги нема сите анегдоти, но има опфатено многу интересни и значајни моменти. Животот на еден спортист не е едноставен, има многу патувања, тренинзи и напорни моменти, но има и интересни случувања, на кои и денес се сеќаваме. Често се шегуваме со Васил Рингов, да имало некој да нè следи и да пишува за нас додека сме играле, тоа сигурно би било не само бестселер, туку и повеќе од тоа. Имаше убави случки, но и периоди кога не ни одеше, но сето тоа е нормален дел од спортот… Сите важни моменти од кариерата се опфатени тука. Се надевам дека ова дело ќе биде инспирација за младите генерации, рече Панчев.
Авторот на книгата, Зоран Михајлов, пред присутните во преполната „Литература.мк“ рече дека е тешко да се напише биографија за фудбалер со такви достигнувања какви што ги има Панчев.