Сашо Клековски, директор на ФЗО, денеска на прес конференција истакна дека 109 јавни здравствени установи (ЈЗУ) имаат долг од 5 милијарди денари.
„Долгот само во првото полугодие од 2024 година е зголемен за 1 милијарда денари, односно, долгот е зголемен од 4 на 5 милијарди денари или околу 81 милион евра. Ваквото ниво на долг го загрозува работењето на повеќе ЈЗУ или може да доведе до нивно блокирање. За овој проблем, јавноста беше информирана. Планот на Фондот за долгот на ЈЗУ е обезбедување дополнителни средства, со истовремено идентификување на причините за долгот, кои ги има и на приходна и на расходна страна. Причините се движат од несоодветно планирање и финансирање до недомаќинско работење. За илустрација, на Клиниката за радиотерапија и онкологија и покрај јавно декларираните поддршки не се буџетирани потребните финансии, а примери за недомаќинско работење има повеќе“, порача Клековски.
Според него, идентификување на причините за долгот е клучно да запре создавањето долг.
„Воедно, една од најбитните работи е сузбивање на корупцијата и криминалот, одговорност мора и ќе има, бидејќи без тоа нема да има напредок. Истовремено, Фондот со ребаланс на државниот буџет и со заштеди обезбеди средства за намалување на долгот за 2 милијарди денари, односно го намалува од 5 на 3 милијарди. Средствата се распоредени според големината на буџетот и долгот на ЈЗУ, во сите градови и сите подрачја. Околу една третина од ЈЗУ ќе бидат целосно раздолжени, главно здравствени домови, а кај повеќето ќе се избегнат блокадите. Ќе се деблокира и ЈУ заеднички служби, која во моментот е блокирана. Намалувањето на долгот на одржливо ниво е прв чекор кон целосно решение кое ќе се одвива во текот на 2025 година. Намалувањето на долгот ќе овозможи простор за нови мерки, а Фондот дефинираше неколку пакети мерки и тоа: за онкологија; за жени, мајки и БПО (ин витро); за деца; кардиоваскуларни болести; регионализација; офталмологија; радиологија и друго. Овие пакети ќе бидат објавувани во наредниот период, а ќе се реализираат во следните шест месеци“, порача Клековски.