Матеус: Винисиус не заслужи да ја добие Златната топка
Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Лотар Матеус, смета дека двајца играчи биле подобри од Винисиус Жуниор во 2024 година.
„Според мене, Родри повеќе ја заслужи Златната топка од Винисиус. Тој беше мозок и предводник на шпанската репрезентација, која стана шампион на Европа. Исто така и на Манчестер сити со кој ја освои Премиер лигата. Ова се две титули кои се освоени благодарение на неговото силно влијание и одличните настапи. За мене тој беше извонреден оваа година“, изјави Лотар Матеус за „Билд“ и додаде:
„Второто место треба да му припадне на Џуд Белингем. Како и Винисиус, со Реал Мадрид ја освои Лигата на шампионите, но беше и еден од најдобрите играчи на Европското првенство. Не е неважно, но благодарение на неговите голови, Англија стигна до финалето и стана европски вицешампион. Затоа, на врвот на мојата листа се Родри, Белингем и по нив Винисиус“.
Шпанска „Марка“ во вторникот објави дека Винисиус ќе ја добие Златната топка за сезоната 2023/24. Доделувањето на наградите ќе се одржи на 28 октомври во Париз, во театарот Шател.