Се повреди Мбапе

Фудбалерите на Реал Мадрид синоќа ја постигнаа петтата последователна победа во сите натпреварувања, совладувајќи го Алавес со 3:2 на „Сантјаго Бернабеу“ во седмото коло од Ла Лига.

Со оваа победа тие ја намалија разликата зад Барселона на само бод, иако Каталонците имаат натпревар помалку.

Реал одлично го започна натпреварот – Лукас Васкез постигна гол уште во првата минута на асистенција на Винисиус. Во 33. минута Килијан Мбапе погоди, но голот беше поништен поради офсајд. Сепак, седум минути подоцна, по двојното додавање со Џуд Белингам, Мбапе сепак постигнува гол за 2:0. Во третата минута од вториот дел Родриго со одличен удар зголеми на 3:0.

Иако се чинеше дека Реал веќе има обезбедено победа, Алавес успеа да ја искомплицира ситуацијата на крајот од натпреварот.

Со головите на Карлос Бенавидез во 85. минута и Кике Гарсија минута подоцна намалија на 3:2, но Реал го задржа водството и освои нови три бода.

Но, прославата беше нарушена со повреда на Мбапе, кој мораше да ја напушти играта во 80. минута.

Иако првичните извештаи сугерираа дека тој бил заменет како мерка на претпазливост, Реал подоцна објави дека Мбапе се здобил со повреда на феморалниот бицеп на левата нога.

Според информациите на новинарот Фабрицио Романо, Мбапе најверојатно ќе отсуствува три недели, што значи дека ќе го пропушти дербито против Атлетико Мадрид, натпреварот од Лигата на шампионите против Лил и средбата со Виљареал во Ла Лига.

Доколку дополнителните тестови покажат посериозно оштетување на мускулите, паузата може да трае и до два месеци.

Мбапе, кој летово пристигна во Реал Мадрид, одигра девет натпревари на кои постигна седум гола и забележа една асистенција.