Отворен музејот на „Алкалоид“

Во просторите на „Алкалоид“ денеска беше отворен музејот на ова компанија, кој ја опфаќа нејзината историја од отворањето до денес.

Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, пред присутните рече дека овој момент е значаен за сите зашто музејот е збир на моменти и емоции на генерации луѓе што работеле во компанијата од основањето во 1936 година до денес.

„Денеска се собравме да овековечиме еден момент кој е многу значаен за сите нас, зашто станува збор збир на спомени, убави моменти, збир на емоции на генерации кои работеле во ова компанија од почетоците во 1936 година, со само 15 вработени и со производство на суровини од 350 килограми до денешната компанија која има 3 000 вработени, која продава производи во над 50 земји на светот, која е присутна на сите континенти и компанија која има производствен простор од над 80 000 квадратни метри. Многу сум среќен и горд што сме тука заедно, што можете да видите еден сегмент од историјата на компанијата низ разни периоди од 1936 година, па натаму, сè она што се случувало и како се движела компанијата, како се развивале одредени производи низ децениите. Се надевам дека овој музеј ќе биде тука да го посетат сите наши вработени, а секако и луѓе што имаат интерес да видат како ‘Алкалоид’ се развивал“ – рече Мукаетов.

Во музејот на „Алкалоид“ се поставени и машини што се користеле низ годините, производи на ова фармацевтска компанија, како и спортските достигнувања на поединци и клубови кои „Алкалоид“ ги поддржувал.