Убедена сум дека промената на власта и политичката ротација во Скопје не треба и нема да влијаат на односите меѓу двете земји, туку ќе бидат дел од циклусот на континуиран напредок на соработката меѓу нас. Ова, меѓу другото, го изјави претседателката на парламентот на Албанија, Елиса Спиропали на заедничката прес-конференција со нејзиниот домаќин, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши.
И Спиропали, која е во официјална посета на земјава и Гаши во своите обраќања покрај односите меѓу двете земји, кои ги оценија како одлични, се осврнаа и на заедничките стратешки интереси на Северна Македонија и на Албанија – членство во Европската Унија и придобивките од партнерството во НАТО-алијансата.
Претседателката на албанскиот парламент, чие обраќање временски беше поекстензивно од она на нејзиниот домаќин, даде свои видувања и упати пораки во врска со одредени актуелни прашања во земјава.
„Во Албанија има посебно внимание на сите настани во Северна Македонија, токму поради посебното значење со кое ги третираме овие односи. Забележавме дека изборниот процес беше по европските стандарди и со задоволство можам да напоменам дека Тирана им честита на институциите вклучени во тој процес за докажаниот професионализам кој гарантираше редовен демократски изборен процес. Убедена сум и дека промените во бојата на власта и политичката ротација во Скопје не треба и нема да влијаат на односите меѓу двете земји, туку ќе бидат дел од циклусот на континуиран напредок на соработката меѓу нас“, рече Спиропали.
Во овој контекст таа изрази подготвеност за продолжување на контактите на политичкиот дијалог на сите нивоа, а за доброто на граѓаните на двете земји и нивните граѓани.
„Почитуван Африм, ние зборуваме албански, бидејќи имаме иста крв и јазик, но и двајцата знаеме како Балканци дека овде, во нашиот крај полн со страсти, некако водени од самите себе внатре, а почесто од другите надвор, се случува да се мешаме, и односот меѓу политиката со ротација и историјата со поглавја е малку комплициран. Честопати сме верувале во супериорноста на првиот над вториот, но денес, со очите од иднината и компасот од Брисел, историјата на иднината нема малку да влијае на политичките проекти на денот. Што значи дека заедничкото патување кон ЕУ или ориентацијата и членството во НАТО ја ограничуваат улогата на политиката во менувањето на оваа историја која допрва чека да се испише“, рече претседателката на парламентот на Албанија.