Во Франција денеска се одржува прв круг претседателски избори, а речиси 49 милиони Французи имаат право на глас.
Според анкетите, главната борба, како и на претходните избори во 2017 година, ќе се води меѓу претседателот во заминување, центристот Емануел Макрон и кандидатката на крајната десница – Марин Ле Пен.
Фаворитот во анкетите со месеци, Макрон, кој најдоцна влезе во предизборната кампања, во изминатите недели се соочува со намалување на разликата во однос на Марин Ле Пен, чија победа веќе не е незамислива.
Во првиот круг учествуваат вкупно 12 кандидати, додека аналитичарите проценуваат дека излезноста на гласачите ќе биде помала од вообичаената, бидејќи изборната кампања беше бледа и се одржа во голема сенка на војната во Украина.
Аналитичарите сметаат дека Ле Пен ја зголемила својата популарност зборувајќи за куповната моќ и грижите на Французите.
Во Франција, претседателот се избира со директно гласање, во два круга, доколку ниту еден кандидат не освои мнозинство во првиот круг.
Шефот на државата се избира за мандат од пет години и може да биде реизбран само еднаш.
Вториот круг од изборите е закажан за 24 април.
На претходните избори Макрон ја победи Ле Пен во вториот круг и со тоа стана најмладиот француски претседател.