„Брисел без изговори треба да направи притисок врз Софија да го повлече ветото, бидејќи овој народ покажа многу пати во минатото дека има европски вредности и дека заслужува да ги почне преговорите за членство во ЕУ“.
Ова денеска во скопската општина Бутел го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на спортски комплекс.
„Кај мене има оптимизам и за април и за мај и за јуни, и така се до декември и така следната година. Секогаш има оптимизам ако навистина Брисел сака Македонија да ги почне преговорите“ – истакна Мицкоски, запрашан дали е оптимист за старт на преговарачкиот процес на земјава со ЕУ во јуни.
Тој рече дека опозицијата не знае за каков договор преговара Владата со Софија, додавајќи дека за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлив и нема да почитува каков и да е договор со Бугарија што би предизвикал повреда на чувствата на македонскиот народ, би го негира постоењето на посебната македонска историја, традиција и обичаи и доколку не ја одразува различноста на македонскиот од бугарскиот народ и автентичната борба на македонскиот народ за своја сопствена држава.
„Сето она кое ќе биде надвор од тоа што е предвидено согласно Резолуцијата која ја усвои македонското Собрание, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го почитува и тоа треба да им биде јасно и на Петков и на Радев“ – истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека според информациите со кои располага, голем дел од земјите членки на ЕУ се противат на тоа билатерални прашања да бидат дел од преговарачката рамка, бидејќи на тој начин преговарачкиот процес ќе биде приказна без крај.