Јавното обвинителство и МВР и официјално потврдија дека ракометарот на клубот Бутел, хрватскиот државјанин Денис Тот починал како последица на физички напад од три лица, од кои двајца се веќе приведени, а по третото се трага.
Обвинителството потврди дека според прегледот на видео записи од безбедносните камери идентификувани се три лица за кои е донесена наредба за истражна постапка, поради основано сомнение дека извршиле Убиство од член 123 став 1 и член 22 од кривичниот законик.
Обвинителството потврдува и дека двајца од осомничените, меѓу кои и 19 годишна девојка, се лишени од слобода и ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, додека по првоосомничениот, кој е недостапен на органите на прогонот, се трага.
Со оглед на тежината на стореното кривично дело, за сите осомничени ќе биде предложена и мерката притвор.
Врз основа на резултатите од извршената обдукција на Институтот за судска медицина и геонтологија, било утврдено дека иако на телото нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот.
„Кривично правниот настан се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека се обезбедени видео-снимки од безбедносните камери „Сејф сити“, како и од ноќниот клуб. Направени се службени разговори со повеќе лица меѓу кои и двајцата осомничени К.Л. (19) и А.К. (22) сите од Скопје.
Третото осомничено лице А.Ѓ. (28) исто така од Скопје засега е недостапен за органите на прогонот. Бил извршен претрес во неговиот дом и по него е распишан централен запис.