Во интервју за германски „Билд“ претседателот на Украина – Володимир Зеленски вели „Не можам повеќе да плачам, не плачам повеќе“.
Тој ова го вели непосредно по масакрот како оној во Краматорск, но и претходниот во Буча, каде има стотици мртви.
„Чувствувам омраза кон Русија, кон руските војници. Кога ќе ги видам овие слики пред мои очи, убиени деца без нозе, без раце. Тоа е гнев, тоа е страшно. Како татко природно мислам на моите деца во такви моменти. Секако дека се лутам на вакви моменти“ вели Зеленски.
Украинскиот претседател во интервјуто вели дека „многу градови се едноставно целосно уништени. Нема куќи, нема луѓе – не знам што ќе најдеме таму”, а обвинува дел од европските земји, пред се Германија затоа што се против ембаргото за нафта и гас од Русија.
На прашање дали Зеленски може да седи на иста маса со Путин, тој порачува:
„Денес Украина нема друг избор освен да седне на преговарачка маса. Но, ниту една друга сила во Русија нема моќ да ја запре оваа војна. Тој сам одлучува кога ќе заврши оваа војна. Многу е тешко да се заспие. Не можам да се сетам кога последен пат добро спиев“.