„Инфлацијата во нашата земја во најголем дел е увезена“
„Инфлацијата е глобален феномен, по една декада на ниска инфлација, тој тренд заврши и сега сме во друга фаза. Тие особено дојдоа до израз во втората половина од минатата година заради енергетската криза а продолжуваат и оваа година“.
Ова на тв Телма го изјави гувернерката на Народната банка – Анита Ангелоска Бежоска.
Таа рече дека „претпоставките за растот на инфлацијата сега се драстично промените, а ММФ се уште нема нови проценки , последната беше за 5% глобална инфлација но клучна претпоставка за таа проценка беше стабилизација на цената на енергенсите, што се уште не се случи“.
„Ние сме мала и отворена економија, нашата отвореност изнесува 140% од БДП-то и по дефиниција сите економии кои што се одликуваат со висока трговска отвореност се многу подложни на надворешни шокови“ вели гувернерката.
Таа појасни дека е тешко да се прецизира колку од инфлацијата во Македонија е домашна, а колку е увезена поради фактот дека голем дел од тоа што го трошиме е всушност увезено, особено храната и енергенсите.
Во однос на монетарната политика, односно евентуалното зголемување на каматната стапка на кредитите за граѓаните , Ангелоска-Бежоска, изјави дека многу е важно каква е патеката на инфлацијата, кои се факторите кои ја движат и какви се проекциите за нивното натамошно движење.