Премиерот Димитар Ковачевски го продолжува учеството на Економскиот форум – Делфи во Грција.
Тој ќе има свое излагање за актуелните состојби во светски рамки, предизвиците со кои земјите се соочуваат како и мерките кои се преземаат за ублажување на последиците од најголемата глобална криза по Втората светска војна.
Во рамки на истиот панел посебни обраќања ќе имаат и премиерите на Црна Гора и на Бугарија, Здравко Кривокапиќ и Кирил Петков.
Предвидена е Ковачевски да има билатерална средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како и да присуствува и на средбата на лидерите на Западен Балкан.
Министерот за надворешни работи – Бујар Османи, пак, ќе учествува на панелот „Европа по Украина“ заедно со неговите колеги од Грција, Никос Дендиас, од Словачка, Иван Корчок и од Косово, Доника Гервала-Шварц.
Ковачевски вчера во рамки на учеството на Економскиот форум имаше билатерални средби со американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западниот Балкан, Габриел Ескобар, со косовскиот колега Албин Курти, со поранешните премиери на Грција и Велика Британија, Алексис Ципрас и Тони Блер, како и со специјалниот претставник на ЕУ за Западниот Балкан, Мирослав Лајчак.