Рекорден број гледачи на стадионите низ Европа во минатата сезона
Повеќе луѓе од кога било досега гледаат фудбал во Европа. Тоа е еден од главните заклучоци во најновиот извештај на Европската фудбалска унија (УЕФА) за европски клупски натпреварувања за минатата сезона, кој ги разгледува актуелните трендови во европскиот фудбал, а извештајот нуди анализа на играчите, тренерите и натпреварувачкиот пејзаж, покажувајќи како навистина функционира европскиот фудбал, пишува Европската фудбалска унија.
Според извештајот на Европската фудбалска унија, 2,8 милиони гледачи имало на домашни клупски натпревари за фудбалерки, 0,7 милиони на мечевите од Лигата на шампионите за жени, 14 милиони на домашните куп-натпревари за фудбалери, 111 милиони во првите лиги за мажи, 17 милиони во европските купови за мажи, 76 милиони во пониските лиги на домашно ниво за фудбалери, 33 лиги забележаа повисоки нивоа на посетеност од претходната сезона, 16 клуба имаа посетеност од повеќе од еден милион во домашната лига, пишува УЕФА.
– Една од примарните цели на УЕФА во основањето сопствен информациски центар беше да добие пристап до фактички податоци и информации, кои се од суштинско значење во процесите на донесување одлуки. Во претходните години слушнавме тврдења дека фудбалот ја губи својата привлечност, дека посетеноста на настаните во живо е намалена и дека треба да го промениме нашиот сакан спорт, како се игра, ужива и организира. Фактите кажуваат поинаква приказна. Овој извештај открива нов рекорд за гледаност на машкиот и на женскиот фудбал во Европа, 229 милиони поддржувачи присуствуваа на фудбалските натпревари во текот на сезоната 2023/2024, покажувајќи зголемен ентузијазам кај гледачите за искуство на стадионот и покрај привлечноста на стриминг-услуги и платформи за социјални медиуми – изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, пренесе Европската фудбалска унија.
Извештајот ги има и најновите податоци и анализи за летниот преоден рок, според кој, европските клубови потрошија вкупно 6,7 милијарди евра на трансфери, што е за осум насто помалку од рекордот поставен во летото во 2023 година, но, сепак, трет највисок преоден рок во историјата.
Европската фудбалска унија во извештајот се фокусира и на тоа како клубовите ја приспособуваат употребата на тимовите за да управуваат со оптоварувањето на фудбалерите со повеќе замени во текот на натпреварите, повеќе употребени фудбалери и минути распоредени пошироко низ нивните тимови, особено во куп-натпреварите, а го испитува и сѐ пократкиот мандат на главните фудбалски тренери и гледа како пејзажот на домашното клупско фудбалско натпреварување продолжува да се враќа на стабилност по нарушувањето предизвикано од пандемијата на ковид-19, пишува Европската фудбалска унија.
Клубовите го приспособуваат користењето на нивниот тим за да управуваат со оптовареноста на играчите со повеќе фудбалери во игра, направени повеќе замени и минути распоредени пошироко низ нивниот тим, па, така, просечниот број на играчи на терен од секој клуб во текот на нивната лигашка сезона е 30, вкупно 1.330 фудбалери повеќе настапиле во лигите во споредба со пред пет сезони, пишува УЕФА.