Бектеши: ЕУ да ја научи лекцијата од Украина во однос на брзата интеграција на регионот!

„Лекцијата од Украина да ја научи ЕУ и во однос на европската перспектива на регионот и брза интеграција на сите земји и да не дозволи  Западен Балкан да биде црна дупка во Европа“.

Ова е пораката што министерот за економија Крешник Бектеши ја испрати од Делфи економскиот форум во Грција.

Министерот истакна дека е незамисливо во 21 век да има војна на европскиот континент, посочувајќи дека тоа треба да биде лекција, „треба сите заедно да гледаме напред кон иднината, а не да се враќаме во минатото“, додавајќи дека во војната, руската страна „споменува прашања како што е историјата“.

„Да гледам напред за да имаме подобри стандарди за нашите граѓани, за да имаме поразвиен регион, кој не е регион што е вон Европа, туку е регион дел од Европа, да не биде оставен како црна дупка во ЕУ“ – порача Бектеши.

За европската перспектива на Северна Македонија посочи дека земјата над 15 години има статус на кандидат, споменувајќи дека поради одолговлекувањето дел од граѓаните го губат моментумот на доверба за интеграција, а ситуацијата во Украина треба да даде дополнителен поттик за отворање на патот кон ЕУ.

„Лекцијата од Украина треба да биде научена од Европската Комисија, за што е можно побргу Северна Македонија и останатите земји од Западен Балкан да го започнат процесот на преговори, бидејќи членството на НАТО ни носи безбедност и стабилност, но просперитет нема да имаме без прогрес во ЕУ“ – истакна Бектеши.