Денис Тот (27) – ракометарот на скопскиот клуб Бутел бил донесен во болница без видливи траги на насилство.
Ова е најновата вест која ја објави МВР по мноштвото информации во домашните, но и во медиумите во регионот во кои се споменуваше дека ракометарот со бројни повреди во четвртокот бил донесен на скопските Клиники.
Се говореше дека Тот е претепан и тоа во еден скопски ноќен клуб. Сепак, според информацијата од полицијата, тоа се покажа како невистинито затоа што бекот на КАРИЛ бил донесен во бесознание и срцева акција.
„Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека вчера (07.04.2022) во 04:11 часот од Клинички центар во СВР Скопје е пријавено дека кај нив во бесознание, без видливи траги на насилство е донесен Д.Т. и веднаш му е пружена лекарска помош. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот и за тоа соодветно ќе ја известиме јавноста“ -порачаа од МВР.
Тот е во критична состојба, се бори за живот. Ова за „Фокус“ го изјавила директорката на КАРИЛ – Маја Мојсова.
„Ракометарот е во критична состојба. Слободно, можам да кажам дека се бориме за неговиот живот. Но, тоа што е чудно е дека тој нема видливи знаци на насилство. На нашата клиника беше донесен без срцева акција. Правиме се што можеме во моментот за да му го спасиме животот“ вели Мојсова.