„Многу е важно, не само за Северна Македонија, туку и за целиот регион, особено сега со ситуацијата во Украина, сите интегративни процеси да продолжат, пораките од ЕУ да се претворат во акција, а Унијата да го одржи ветувањето за европската перспектива на регионот“.
Ова го изјави денеска министерката за одбрана на Северна Македонија – Славјанка Петровска на панел дискусијата „Безбедносни прашања на Западен Балкан“ во рамки на седмиот Делфи економски форум во Грција.
„Можеби ги повторуваме пораките, се повторуваме самите во она што го кажуваме, но со ситуацијата со која се соочуваме во Украина, логиката е дека нашите повторувања , нашите повици треба да се претворат во акција. А секако интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ е една од акциите што треба да се преземат“ – порача Петровска.
Таа рече дека интеграцијата е во стенд бај поради прашањето со Бугарија, но истакна дека постои одлична соработка и комуникација со бугарската Влада, а од наша страна постои волја за решение.
Министерката неколкупати повтори дека потребно е да има јасна и на дофат европска и евро- атлантска перспектива за балканските земји.
„Потребни се јасни пораки, но и исто така и акции, истакна министерката и додаде дека реформите не се само политички, туку се однесуваат на одредени области како што се човековите права, демократски норми“ рече таа.
Истакна дека по инвазијата во Украина, прашањето што се поставува во нашата земја е „Дали сме безбедни?“, а одговорот потврден, бидејќи сме земја членки на НАТО, членство кое нема само политички, туку и безбедносен аспект.