На аукција оди дресот на Марадона од Мундијалот во 1986-та
Спортскиот дрес кој аргентинската фудбалска легенда Диего Армандо Марадона го носеше во четвртфиналето против Англија на Мундијалот 1986 во Мексико две години по неговата смрт ќе биде понуден на продажба, објави денеска аукциската куќа „Сотби“.
Оттаму изразија надеж дека дресот ќе може да достигне цена од над 5 милиони долари.
Повеќе од 35 години сопственик на легендарниот дрес со бројот 10 е поранешниот англиски репрезентативец – Стив Хоџ, кој по завршувањето на четвртфиналето го размени својот дрес со Марадона.
Победата на Аргентина во четвртфиналето на Светското првенство во 1986 година е една од најконтроверзните во историјата на мундијалите токму поради голот што Марадона го постигна со рака.
Поранешниот англиски репрезентативец својата автобиографија ја наслови „Човекот со дресот на Марадона“, токму овој дрес му го довери на Националниот фудбалски музеј во Манчестер за таму да биде изложен и вети по смртта на Марадона, во 2020 година, дека предметот нема да се продава, бидејќи има „неверојатна сентиментална вредност“.
Сепак, во меѓувреме, најверојатно Хоџ се предомислил.
Аукциската куќа „Сотби“ објави дека дресот ќе биде понуден на онлајн аукција од 20. април до 4. мај за почетна цена од четири милиони фунти (5.2 милиони долари).