Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, осуден на 18 години за тероризам по настаните на 27 април 2017 во Собранието, добил прекин во отслужување на казната и ќе седи дома до 21 ноември.
Од десетина лица осудени за упадот во Собранието на 27 април 2017 година кои во јули-август користеа 30 дневен отпуст поради здравствени причини, петмина побарале судски прекин на издржување на казните. Тројца од нив добиле прекин во траење од еден месец, за еден осуденик решението е во фаза на изготвување, а едно од барањата е одбиено заради некомплетна документација, објави Радио Слободна Европа повикувајќи се на информации добиени од Кривичниот суд.
Според информациите што со РСЕ ги споделил Дејан Здравков, директор на штипскиот затвор, со судско решение, прекинот во издржување на казната им е продолжен на Митко Чавков (до 21 ноември), на Митко Пешов (до 16 ноември), на Оливер Поповски (до 22 септември) и на Душко Лазаров (до 25 септември).
Директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов кон крајот на јули потпиша решенија за 30-дневен прекин на казната за дел од лицата осудени за 27 април, поради лекување.
„Како в.д. директор единствено што можам е ако дојде барање од затворник кој ќе достави документација дека има акутен здравствен проблем, потпишан од специјалист, дека мора да изврши здравствен зафат, јас немам право да го одбијам. Факт е дека неколку, сега немој да ме фаќате за збор, за тројца-четворица-петорица, во меѓувреме откако ја извршувам функцијата, се дојдени такви барања и потпишани се од моја страна“, кажа Пандов.
На новинарско прашање дaли сите одобренија се за осуденици за „27 април“, Пандов рече:
„Има едно-две кои не се. Меѓутоа, мене ми е зачудувачки што праксата била контрола да прават вработени од Управата и мене ми ја доставуваат – дали треба да биде позитивна или негативна. Ако има акутна болест којашто треба да се лекува, такви случаи во минатото биле одбивани. Јас тоа нема да го правам“.
Во врска со упадот во Собранието, во затвор се 16 лица, правосилно осудени на казни од 7 до 16 години затвор за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Највисока казна од 16 години доби Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност(БЈБ), кој тогаш имаше „златна команда“ за протестите пред Собранието.