Кривичен тврди дека МВР е одговорно за бегството на Блерим Рамадани

Пет дена по бегството од куќен притвор на некогашниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани, се огласија од Кривичен суд со факти во врска со екстрадиционата постапка за него.

Според Судот, тие постапиле според законите и судската пракса, додавајќи дека не биле исполнети условите за екстрадиција. Топката за бегството на Рамадани, кое се случи два ден по истекувањето на куќниот притвор, од Судот ја префрлија на Министерството за внатрешни работи.

Од Кривичен додадоа дека судскиот систем во земјава не е директно засегнат за исходот од оваа постапка, со оглед дека на Рамадани не му се суди во земјава и нема оштетени македонски државјани.

– Станува збор за странски државјанин, кој се товари за сторено кривично дело во друга земја (Р. Косово), а се бара да биде екстрадиран во Р. Србија. Судскиот систем во нашата земја не е директно засегнат за исходот од оваа постапка со оглед да на ова лице не му се суди во земјава и нема оштетени македонски државјани. Сепак обврска на Македонија е во започнатата екстрадициона постапка да го почитува меѓународното право за што веќе има воспоставена судска пракса. Имено во идентичен ваков случај (со лицето Томора Морине од 2019 – та година), лицето не било екстрадирано во Р.Србија бидејќи истиот бил Косовски државјанин и делото за кое се терети било сторено во Р.Косово, па заради тоа надлежност за водење на постапката ја има Р. Косово, одлука која била потврдена од Врховниот суд. – Кривичен суд

Од таму велат и дека на Рамадани му бил одреден 15 дневен притвор што било максимално време согласно досегашната судска пракса. Дополнително според нив, надзорот над куќниот притвор се доверува на МВР, па според тоа, одговорноста за бегството како што велат треба да се бара кај нив. Од кривичен апелираат случајот да не се користи за политички препукувања, но додаваат и дека Судскиот совет, како што велат, може и треба да проверува дали судот постапувал согласно законските одредби и праксата на повисоките судови. Во меѓувреме, министерот за здравство, Арбен Таравари пак, кој го поздрави ослободувањето Рамадани, уште пред да биде донесена судската одлука, сега вели дека не бил доволно запознаен со случајот.

Министерот за внатрешни работи – Панче Тошковски пак, по бегството на Рамадани, пред неколку дена преку социјалните мрежи, прстот го впери кон судот и одлуката ефективниот притвор да се променет во куќен притвор. МВР како што кажа тој, постапила согласно законот, а Рамадани бил предаден на судот по барање на Интерпол.