Ребалансот на Буџетот утре ќе се најде пред пратениците на пленарна седница

Утре започнува тридневната расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година, во рамки на 12. седница на Собранието.

Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година, во второ читање, е седма точка од дневниот ред на седницата.

Согласно Деловникот на Собранието, претресот по предлогот за изменување и дополнување на Буџетот, односно по дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на седница на Собрание трае најмногу три дена. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

Ребалансот ги помина општиот претрес и амандманската расправа во Комисијата за финансирање и Буџет во која беа усвоени два амандмани, по што Владата на 6 август, го донесе и дополнетиот ребаланс на Буџетот со кој, како што соопшти, се обезбедуваат плус средства – за плати и за набавка на опрема за повеќе институции.

Со подготвениот и надограден ребаланс се проектираат средства за целосно сервисирање на сите права и доспеани обврски до крајот на годината – за пензионерите, за вработените во администрацијата, за бизнисот, здравството,… Обезбедени се средства за исплата и зголемување на платите во јавната администрација согласно сите потпишани колективни договори, објасни министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска по завршување на комисиската расправа.

– Се обезедија надополнувања во Државната изборна комисија, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Агенцијата за заштита на лични податоци, Оперативно-техничката агенција, Инспекцискиот совет, министерствата за внатрешни работи, за образование и за транспорт и врски, Царинската управа, судската власт, Јавното обвинителство, Советот на јавни обвинители, Народниот правобранител… Во Државната изборна комисија се дополни износ од 350 милиони денари, во Инспекциски совет 147 илјади денари за набавка на опрема, во МВР 60 000 000 денари за набавка на материјали за лични документи, 87,2 милиони за дореализација на Проект Брана Отиња и дополнителни 20 милиони денари за надомест за одземен имот за Проектот Брана Отиња (експропријација), кај Македонската академија на науките и уметностите 18,7 милиони денари за научно истражувачки проекти и 3,3 милиони за набавка на опрема, како и 138 000 денари за дореализација за набавка на опрема кај Народниот правобранител, информираше Димитриеска-Кочоска.

Со ребалансот се обезбедени 5,1 милијарда денари дополнително за исплата на пензии 800 милиони денари за корисниците на правото на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита, една милијарда денари за ТИРЗ, 1,7 милијарди денари за субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор дополнителни, за студентски оброк дополнителни 437 милиони денари, како и 207 милиони денари за исплата на стипендии, а издвоени се и шест милијарди денари за проекти во општините.

На утрешната собраниска седница има вкупно 34 точки.