Благица Петрески: РЕБАЛАНС – ПОЛИТИЧКА И СОЦИЈАЛНА ОПЕРАЦИЈА

Во однос на одлуката за пораст на платите на функционерите од 78%, повеќепати имавме искажан став, дека тоа беше резултат на одлука на Уставниот суд која предизвика лавина од барања од различни групи за покачување на платите. Проблемот е што реакцијата од клучните чинители на таа одлука изостана, гледаме дека и кај новата влада има отпор тоа да се коригира, вели Петрески.

Зголемениот буџетски дефицит е спротивно на намерата за фискална консолидација и ја растегнува спиралата на перманентно зголемување на надворешниот долг, оценувa за „Трилинг“ извршната директорка на „Фајнанс тинк“ – Благица Петрески.

Ребалансот на буџетот беше очекуван. Позитивна информација е што проекцијата за економски раст е пореална со економските движења кај важните економски агрегати. И тоа треба да биде вградена практика во планирањето на буџетот, со цел да се избегне вештачкото „надувување“ на приходите, кои пак потоа претставуваат основа за дизајн на расходи кои се поголеми од реалните можности.

Сепак, зголемувањето на буџетскиот дефицит, не е поволна информација. Моменталното зголемување од 3.4% на 4.9% од БДП е спротивно на намерата за фискална консолидација изразена во Фискалната стратегија.

Дел од зголемувањето на буџетскиот дефицит е очекувано земајќи предвид дека 71% од вкупниот буџетски дефицит беше веќе потрошен за првите пет месеци. Истовремено, временскиот период за структурни кратења на расходни позиции кои имаат големи одливи за субвенции и трансфери, можеби беше недоволен.

Но, од друга страна, проширувањето на буџетскиот дефицит е резултат на централното ветување за линеарно зголемување на пензиите од 2,500 денари во септември 2024, односно вкупно 5,000 денари заклучно со март 2025. И тоа се гледа, во вкупното зголемување на расходите за пензии од 5 милијарди денари, што е скоро половина од порастот на вкупниот буџетски дефицит.

Вториот загрижувачки аспект, кој се однесува на повеќегодишен тренд, а не само на овој ребаланс, е поткопувањето на развојната компонента на буџетот за сметка на социјалната компонента. Високото учество на социјалните трансфери во вкупните расходи и нивното постојано зголемување, а во последните години и растот на расходите за плати, и преземените обврски за раст на платите во јавниот сектор го стеснува развојниот простор на Буџетот на среден рок.

Оттука, овие деценски трендови, заедно со слабостите во планирањето на буџетот, бараат сериозна реформа, внимателен дизајн на буџетот за следната година, вклучително и вградување на среднорочните планови во годишните буџети, доколку сакаме здрави и одржливи фискални политики.

Во однос на одлуката за пораст на платите на функционерите од 78%, повеќепати имавме искажан став, дека тоа беше резултат на одлука на Уставниот суд која предизвика лавина од барања од различни групи за покачување на платите. Проблемот е што реакцијата од клучните чинители на таа одлука изостана, гледаме дека и кај новата влада има отпор тоа да се коригира.

Барањата, пак, од различни страни, за зголемување на платите, денес веќе претставуваат повисок трошок во буџетот. Нема дилема дека министерската позиција, и позициите кои носат сериозни одговорности треба да бидат соодветно платени. Но, истовремено дискусијата за продуктивноста во јавниот сектор не е актуелна, а уште помалку гледаме намери и преземени акции за плаќања според продуктивноста.