„Над 3.000 луѓе се евакуирани од украинскиот пристанишен град Мариупол, кој е под опсада на руската армија“.
Ова го изјави украинскиот претседател – Володимир Зеленски.
Во видео порака објавена ноќеска, Зеленски рече дека вчера работеле хуманитарните коридори во три украински области – Доњецк, Луганск и Запорожје.
„Успеавме да спасиме 6.266 луѓе, од кои 3.071 од Мариупол“ – рече тој.
Претходно странските агенции објавија дека евакуираните жители на Мариупол се приклучиле на хуманитарниот конвој во градот Бердјанск, окупиран од Русија, од каде што биле транспортирани во Запорожје.
Зеленски предупреди дека ситуацијата во источна Украина останува исклучително тешка од воена гледна точка. Според него, Русија се подготвува за нови напади во источниот регион Донбас и североисточниот град Харков.
„Руските трупи во северна Украина се повлекуваат, бавно, но сигурно“, додаде тој.
Украинскиот претседател во видео обраќање рече и дека повлекувањето на руските трупи зад себе остава „целосна катастрофа“.