Производите на „Витаминка“ носат вкупни приходи од 1,7 милијарди денари
„Витаминка“ АД Прилеп во првата половина од годината оствари позитивен финансиски резултат. Во овој период е остварена добивка во висина од 24.308.000 денари или 393.333 евра, која во споредба со добивката за истиот период од минатата година е зголемена. Ова пред сѐ се должи на зголемените приходи.
Остварените вкупни приходи во првото полугодие од 2024 година изнесуваат 1,7 милијарди денари (27,7 милиони евра) и во споредба со остварените за истиот период во 2023 година бележат раст од 3 отсто. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 99%, имаат приходите остварени од продажба на производи и услуги од основна дејност, кои во споредба со остварените во 2023 година се повисоки за 3%.
Остварените единечни вкупни расходи во првото полугодие од 2024 година изнесуваат 1,57 милијарди денари (25,5 милиони евра) и во споредба со остварените за истиот период во 2023 година бележат намалување од 1%.
„Витаминка“ која е компанија лидер во прехранбената индустрија на македонскиот пазар има вкупните инвестиции за првото полугодие во 2024 година кои изнесуваат 23,6 милиони денари т.е. околу 381 илјади евра. Генерално инвестицијата се однесува на купувањето на опремата, инсталација на фотоволтаична станица и градежно адаптирање. Во текот на месец мај 2024 година се реализира новата инвестиција во опрема од две автоматски линии за пакување на флипс, започната во 2023 година, што ќе придонесе да се зголеми продуктивноста и ќе се генерираат заштеди во работењето.
Кога станува збор за финансиските аспекти на работењето, компанијата е насочена кон одржувањето на тековната ликвидност и финансиската стабилност на друштвото. Пред сé акцентот е да се обезбеди редовна исплата на обврските по долгорочни и краткорочни кредити од банките за основни средства и обртен капитал. Тековно оваа состојба се надминува и особено фокусот треба да биде на навремена наплата на побарувања од купувачи во земјата и во странство. Сѐ уште работењето е во отежнати и нестабилни макроекономски услови кои беа актуелни во изминатите неколку години и се очекува овој тренд да продолжи и оваа година.