Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска имаше средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал на која се разговараше за продолжување на соработката за подобрување на нормативните решенија и капацитетноста на општините за поефикасно извршување на надлежностите.
На средбата беше потврдено дека поддршката на ОБСЕ е важна за Министерството за локална самоуправа во подобрувањето на системот на локалната самоуправа.
Министерот Перински на состанокот истакна дека Владата и Министерството за локална самоуправа се особено посветени на развојот на општините што до крајот на годината ќе резултира со конкретна финансиска поддршка за реализација на капитални проекти. Паралелно ќе се работи и на подобрување на системот на локалната самоуправа, пред се заради подобрување на квалитетот на услугите кон граѓаните.
„Очекувам дека соработката на Министерството за локална самоуправа со ОБСЕ, заедно со локалните власти, ќе резултира со конкретни решенија во интерес на граѓаните. Ги реализираме стратешките приоритети за стабилен, демократски, инклузивен и рамномерен развој. Верувам дека со реализација на планираните активности ќе го зајакнеме институционалниот и демократскиот капацитет за управување со процесите на локално ниво”, рече министерот Перински.