САД ги повика Американците да заминат од Либан

Амбасадата на САД во Бејрут им порача на своите граѓани да го следат планот за дејствување при кризни ситуации во момент кога Либан се подготвува за воен одговор од Израел по нападот на Хезболах врз Голанската Висорамнина.

– Американските граѓани треба да направат план за акција и да заминат пред да започне кризата за да се заштитат себеси и своите најблиски, објави на Икс, Рена Битер, задолжена за конзуларните работи во Вашингтон.

Таа додаде дека Вашингтон е „исклучително фокусиран на Либан“ и побара од граѓаните да им кажат на роднините што планираат да ја посетат земјата „да го преиспитаат своето патување“ поради закана од ескалација на конфликт во регионот.

Тензиите меѓу Израел и проиранското движење Хезболах ескалираа по ракетниот напад на Голанската Висорамнина, окупирана од Израел, на 27 јули, при што загинаа 12 деца и тинејџери.