Новата владејачка гарнитура вели дека мора да се справува со последиците и економското цунами кое го затекнале од претходниците.
Новиот буџет изнесува 6 милијарди евра и зголемен дефицит. Што значи ова прекројување на државната каса и продолжување на политиката на задолжувања?
Фатмир Битиќи, поранешен вицепремиер за економски прашања од редовите на СДСМ гостува во „Трилинг“ вели дека начинот на кој настапила новата влада кон ребалансот за него „не е добар почеток“.
– Под превезот и манипулативниот однос дека буџетот бил скандалозен, целосно потрошен, тие користат и некои зборови кои не доликуваат на новодојдена Влада. Но тие го искористија тоа за се што ќе направат да добијат алиби. Тие започнаа да разговараат за кредит, за задолжување, уште пред да дојдат на власт, веќе договорен, и јас уште тогаш коментирав дека тоа не е добра практика во демократските земји затоа што е воинституционално преговарање. Слушнавме дека веќе имаат испреговарано и јас тоа го сметам како политики договорен кредит, затоа што дури вчера владата го задолжи министерството за финансии институционално да направи рамка за заемот, а веќе ние имаме ребаланс во кој се отсликуваат контурите на заемот, истакнува поранешниот вицепремиер.
Веројатно сфатија, вели тој, иако најави пред месец дена дека, незнаејќи дека ќе ја зголемат буџетската расходна страна, една милијарда задолжување ќе не однесе на јавен долг од 68 отсто.
-Тие што направија? Го намалија задолжувањето на 500 милиони евра и сепак сме на 68% јавен долг, но не им кажуваат дека ја зголемуваат рамката на задолжување дома за цели 240 милиони евра на првичното планирање, ама тоа го прават под превезот „ама ни се потребни парите“. Но каде ќе отидат тие 240 милиони евра задолжување во домашните банки, за што да покријат? И трета работа, сфатија ако денеска дојдат во ребаланс со задолжување од 1 милијарда, јавниот долг ќе отидеше над 74 отсто. Морам да признаам дека во историјата на независна Македонија има два моменти кои сите ќе ги паметат, а тоа е периодот кога го имавме најголемото задолжување со највисока камата од некаде 9 отсто од ВМРО-ДПМНЕ и веројатно ќе го паметат август 2024-та во кој јавниот долг достигнал 68 отсто, истакна Битиќи.
Може ли македонија како држава да ги сервисира долговите и ова темпо назадолжување да го продолжиме, Битиќи вели дека ВМРО-ДПМНЕ прави задолжувања за наредните три поколенија.
– Тоа е во суштина резултатот. Наредните три поколенија ќе треба да го враќаат јавниот долг. Сите што соработувале со мене знаат дека јас сум полиберален, укажувам дека е возможно да јашириме рамката на јавниот долг, но ако тоа донесе развој. Но да го направите тоа, во овој момент да отидете над 60 отсто, кој е праг кој го имаме поставено во нашите стратегии, во Законот за фискална консолидација, а притоа растот на економијата да се намали, тогаш има сериозен проблем во политиките во кои се залагате, тврди поранешниот вицепремиер.