Русија денеска позитивно одговори на коментарите на украинскиот претседател Володимир Зеленски за можни преговори за ставање крај на војната меѓу двете земји, пренесе ДПА.
– Ова е подобро од изјавите дека се исклучени какви било контакти со руската страна и со шефот на руската држава, изјави во Москва портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Се разбира, да се зборува со еден или друг тон за дијалог е многу подобро отколку да се зборува за намерата да се бориме до последниот Украинец, додаде тој.
Во интервју за Би-Би-Си, Зеленски претходно рече дека може да разговара и со рускиот претседател Владимир Путин, иако претходно со декрет исклучи таква можност.
Во интервјуто Зеленски ја потврди својата начелна подготвеност да преговара со руските претставници на нов мировен самит.
– И дали тоа ќе биде Путин или не, нема разлика, рече тој.
Русија претходно ја отфрли можноста Зеленски да присуствува на каков било мировен самит и исто така го доведе во прашање неговиот легитимитет како претседател. Песков сега сепак рече дека останува да се види што точно се крие зад последните коментари на Зеленски.
Украина се брани од руската инвазија од февруари 2022 година.
Како одговор на руската нелегална анексија на украинските региони Херсон, Запорожје, Доњецк и Луганск во есента 2022 година, Зеленски издаде декрет дека Украина нема да води мировни преговори со Русија додека Путин е претседател.
Песков, исто така, јасно стави до знаење дека Русија чека да види што ќе се случува по повлекувањето на американскиот претседател Џо Бајден од кампањата за претседателските избори во САД.
Сè додека Бајден останува на функцијата, ништо нема да се промени во однос на американската помош за Украина, што ќе ја продолжи војната, истакна тој.
– Ништо добро не се очекува, рече Песков за Бајден.
Приоритет на Русија е до крај да ги следи сопствените цели во соседната земја, додаде тој.
Сепак, иднината на односите меѓу Русија и САД е од огромно значење за Москва бидејќи тие „сега минуваат низ најлошото време во нивната историја“.
Песков беше внимателен и во врска со улогата на американската потпретседателка Камала Харис, која Бајден ја поддржа како негова замена во изборната трка.
– Досега таа не се истакнала преку некој конкретен придонес во односите меѓу двете земји, туку само преку прилично непријателски забелешки за Русија, рече Песков.