Владата на Косово изрази разочарување по одлуката на Европската унија за укинување на визите за косовските Срби кои имаат пасоши издадени од властите во Србија.
Клисман Кадиу, советник на вицепремиерот Бесник Бислими, за порталот „Телеграфи“ изјави дека Владата е разочарана од одлуката донесена од ЕУ и дека пасошите на косовските Срби издадени од Србија и понатаму остануваат нелегални во Косово.
– Го изразуваме нашето разочарување од одлуката донесена од ЕУ во врска со „визната либерализација“ за имателите на нелегални пасоши издадени од српските власти, за српските државјани на Косово. Која било одлука на ЕУ не го поништува фактот дека тие пасоши и понатаму остануваат нелегални, со целосно нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава, а со тоа и неприфатливи за Република Косово. Тие пасоши и понатаму ќе бидат непризнаени од нашите власти, рече Кадиу.
Според него, „секој граѓанин на земјата, од секоја заедница, има целосно право да има корист од слободното движење без визи, преку пасошот на Република Косово“.
– Затоа, оправдувањето што се користи дека имателите на овие нелегални пасоши ќе останат изолирани, е неточно и не соодветствува на реалноста. Исто така, необјасниво е брзањето за донесување на оваа одлука, без проверка на фактите на терен, без анализа на импликациите кои можат и ќе доведат до спроведување на одлуката и без да се консултираат од почеток со институциите на нашата држава, нагласи Кадиу.
Тој вели и дека одлуката што е донесена денеска ги оштетува тековните напори за интеграција на српската заедница во Косово.
– Република Косово спроведува политики на различни полиња кои ги доближуваат граѓаните до институциите, а со визната либерализација за Косово, значително и видно се зголеми бројот на граѓани од српската заедница кои извадија и продолжуваат да вадат документи на нашата Република, изјави Кадиу.
Советот на ЕУ денеска донесе одлука за укинување на визниот режим за српските државјани на Косово, кои поседуваат пасоши издадени од српските власти.
Во соопштението се наведува дека одлуката е донесена на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
– Советот усвои регулатива со која се осигурува дека целиот регион на Западен Балкан подлежи на ист визен режим, со што се отстранува исклучувањето што претходно се применуваше за имателите на српски пасоши издадени од српската Координативна управа, се вели во соопштението.