По петти пат во две недели Русија го нападна Киев со беспилотни летала, но украинските системи за противвоздушна одбрана успеале да ги соборат дроновите пред да стигнат до главниот град на Украина, соопшти утрово (21 јули) украинската војска.
Нема жртви и не е забележана значителна штета, објави на социјалната мрежа Телеграм, шефот на воената администрација во Киев, Сергеј Попко.
„Овие систематски напади со беспилотни летала уште еднаш докажуваат дека напаѓачот активно бара можност да го нападне Киев. Тие тестираат нови тактики, бараат нови пристапни правци до главниот град, се обидуваат да ја откријат локацијата на нашата противвоздушна одбрана“, вели Попко.
Украинските воздухопловни сили на Телеграм објавија дека нивните системи за противвоздушна одбрана уништиле 35 од 39 беспилотни летала и две крстосувачки ракети лансирани од Русија во текот на ноќта.
Тие, според воздухопловните сили, целеле кон 10 украински региони.
Не е јасно колку дронови биле лансирани во Киев, пишува Ројтерс.
Украинските воздухопловни сили соопштија и дека Русија лансирала три балистички ракети „Искандер“, но не прецизираа што се случило со нив.
Воената администрација на регионот Суми во североисточна Украина, која граничи со Русија, во објава на Телеграм наведе дека руска ракета ја оштетила критичната инфраструктура во областа Шосткински.
Управата не соопшти детали за која инфраструктура станува збор.
Од Русија, досега, нема коментар за нападите.