Во полемиката за придобивките и проблемите од ископувањето литиум што повторно се води во Србија по најавата на српскиот претседател Александар Вучиќ за можноста од негова експлоатација, се огласи лидерот на опозициската Странка за слобода и правда (ССП) Драган Ѓилас кој изјави дека литиумот не е српска нафта, ниту може да биде.
Тој во емисијата „Без цензура“ на КТВ на Зрењанин објасни дека не му е јасно „каков мозок може да каже такво нешто“, соопштија денеска од ССП.
– Земјите кои имаат нафта, ја вадат главно во пустини или како Норвежаните во морето, на десетици километри од брегот. И државите се главно сопственици на тоа богатство, а не некој Рио Тинто. Нафтените компании кои се занимаваат со екстракција на нафта плаќаат огромни даноци. На пример во Норвешка, нафтената компанија плаќа данок од 72 отсто. А кај нас пет отсто. Затоа, не ни кажувајте бајки, рече Ѓилас.
Тој додаде дека министерот за финансии Синиша Мали ги убедува граѓаните дека поради литиумот српскиот БДП ќе се зголемел за 16 отсто.
– Така рекоа и дека на проектот Белград на вода ќе работат 200.000 луѓе, но никогаш не работеа повеќе од 3.000 лица и дека благодарение на тој проект, БДП на Србија ќе се зголеми за 3-4 отсто, но воопшто не се зголеми, кажа Ѓилас.
Претседателот на ССП посочи и дека власта само создава проблеми, не ги решава, дека овие нови проблеми доведуваат до ситуација политичката и економската криза да се продлабочува, што на крајот ќе доведе до предвремени избори.
– Кога ќе дојдеме до тие избори, ќе зборуваме за тоа како ќе одиме на нив и под кои услови. Сè уште мислам дека опозицијата кога е обединета е многу посилна отколку кога дејствува индивидуално. Во овој момент можна е соработка на опозицијата во борбата за изборни услови, со тоа што колегите навистина би можеле да размислуваат да не одат повеќе на состаноците на работната група на Ана Брнабиќ, заклучи Ѓилас.