„Секогаш во моето семејство се пееја македонските народни песни, па затоа решив да се посветам на македонското народно творештво. Досегашните истражувачи не оставиле доволен број материјали, мелодии од нашите македонски песни во Албанија, па сето тоа ми даде инспирација и мотив да го работам токму ова“ – вели композиторот и пејач, професорката на музичката академија, собирач на македонско народно творештво – Андријана Јаневска во најновото издание на Трилинг.
За тоа како низ вековите се штитело македонското народно творештво и кој врз него атакува денеска, Јаневска е децидна: „Сите атакуваат, најмногу нашите соседи. При едно мое неодамнешно гостување на една телевизија ја изведов познатата `Елено ќерко` од You tube беше тргната поради заштита од хрватска телевизија. Од секогаш сакале нашиот македонски фолклор да го претстават како туѓ“.
Јаневска вели дека немаме во музичка смисла доволно материјали во Пустец, Голо Брдо, Преспа, па заради тоа решила токму во овој крај да истражува. Мелодиите никој не ги запишал. Таа вели дека најверојатно е првиот истражувач кој ги мелографирал песните од тој крај.
„Додека ги снимав моите информатори (пејачи и раскажувачи) им објаснив зошто ги снимам и дека тоа ќе биде објавено како труд. Започнав со истражувањето и снимањето во 2014 година. Сите до еден ми раскажаа дека се чувствуваат како Македонци, дека песните кои ги пејат се македонски песни. Зборуваме за Гора на Косово, за Голо Брдо и за Мала Преспа“ вели Андријана Јаневска.
Македонските песни, односно творештвото, според неа, се чувало со пренесување од „колено на колено“. Јаневска вели „главната идеја ми беше да докажам дека станува збор за истиот народ македонски што таму живее, кој што е поврзан преку македонскиот фолклор. Таа сподели дека во регионот на Голо Брдо доминираат хумористичните песни, во Мала Преспа успела да сними многу свадбени песни, уникати во светски рамки. Во Гора, пак, преовладуваат љубовни песни.
„Ние не треба да стравуваме дека некој ќе ни го оспори идентитетот бидејќи веќе ни го оспоруваат, цело време сме биле оспорувани, во 20-тите, во 30-тите години. Се носеле бугарски учебници, списанија, конкретно во Пустец за тамошното население да се претстави како бугарско. Мило ми е што после долги години одолеале и не се претставуваат како она што не се“ вели Јаневска.
Таа смета дека е добро тоа што многу млади македонски пејачи ги преработуваат старите песни, идејата на преработката е песната да остане во сеќавање.
Јаневска вели „ние сме мирољубив народ, и тоа е тоа кое сите го злоупотребуваат“.
По докторирањето, таа вели дека засега нема нов предизвик.
Сака да патува, да истражува, па ужива и во возењето мотор. Тоа многу одговара на мојот карактер, вели Андријана Јаневска.