Заев во вторник ќе свика ЦО и ИО на СДСМ за да се констатира неговата оставка
Претседателот на СДСМ, актуелниот премиер Зоран Заев ќе побара во вторник да бидат свикани Централниот и Извршниот одбор на партијата за да се констатира неговата оставка и да почне постапката за избор на нов лидер. Заев смета дека новиот претседател на социјалдемократите треба да е и идниот мандатар на новата влада.
„Органите и телата на партијата ќе го кажат тоа. СДСМ нема донесено одлука. Мојот личен став од досегашното искуство и минатото во нашата држава кога еден човек бил премиер, а друг претседател на владејачка партија, е дека лидерот на партијата треба да биде и мандатар затоа што во тој случај и одговорноста и легитимитетот е комплетен“ рече Заев по средбата со лидерот на Алтернатива – Африм Гаши.
Заев нагласи дека „Зборот е збор и ќе се радувам да дочекам ваква големина и даден збор од други политичари. Ако се успее во целиот овој период, а верувам дека може, СДСМ да има избрано претседател тој би требало да биде идниот мандатар односно да предложи нова Влада. Кога имате нов мандатар, треба да имате и нова влада, а не реконструкција на влада“.