(Видео) Савески: Истражувањата покажуваат – две третини од младите сакаат да се иселат од државата

„Во истражувања доаѓаме до сознанија дека две третини од младите сакаат да се иселат државата. Од тие две третини многу мал процент сакаат да се вратат во земјава. Како најголеми причини младите да се иселуваат не се ниските плати, туку општо условите, корупцијата, нефункционалноста на системот“ – вели Ристо Савески, претседател на Македонскиот образовен форум во најновото издание на „Трилинг“.

Тој смета дека „државата се поистоветува дека не се грижи за иднината на младите. Државата плаќа по 40.000 евра годишно за да може еден студент да студира на првите 100 универзитети на Шангајската листа, но потоа кога треба да се вратат, не води грижа за истите. Излегува дека државата директно го финансира одливот на мозоци, треба да се ревидираат овие програми. Треба многу повеќе да се финансира во македонските универзитети. Поразувачки е што кај нас има голем број универзитети, а ниту еден не се наоѓа на Шангајската листа“.

Савески е со став дека „младите ја препознаваат корупцијата како главна пречка за нивниот развој, комплицираноста на системот не дозволува лесно да се создаваат бизниси. Генерално, незадоволство колку можат да се покажат иновации“.

„Најверојатно ќе треба да доаѓаат странци и да ги пополнуваат местата на кои можело да се вработат младите од Македонија“ вели тој.

Савески вели дека од истражувањето на неискористениот студентски потенцијал се гледа дека „државата не води евиденција за студентите кои ги стипендира“.

„Јас сметам дека Македонија е земја во развој, ние како млади ако имаме љубов кон одредена професија, може да донесеме многу иновации. Јас сметам дека со нашата упорност може да ги промениме работите малку“ вели Савески кој за образовниот систем во Македонија вели дека е предмет на експериментирање, и секоја Влада има некои нови идеи.

За учебниците и за реформите во образованието, вели, „треба да се размислува и на дигитализација, но пред се на поосновните услови во училиштата“.