„Анализирајќи ги состојбите во државата сфаќаме дека градежништвото стагнира. Проблемот не е мал, загубивме големи капацитети, македонското градежништво преживува, градежниците се оставени сами на себе“ – вели Андреа Серафимовски – претседател на Здружението за градежништво при СКМ во најновото издание на Трилинг.
Тој вели дека македонското градежништво се „соочува со такви проблеми да ние не можеме еден автопат да изградиме 10 години, да не можеме во последниве осум години освен еден експресен пат, да пуштиме ништо друго. Нашите компании во странство успешно работеле, имаме примери каде во 3,5 години се реализирани големи капацитети, а тука не можеме да реализираме објекти кои ќе донесат добро за нашето население“.
„Македонските компании се истиснати од странските инвеститори. Главниот проблем во градежништвото во моментов, по наше се сведува на пет точки, најболна тема е Законот за јавни набавки. На проекти кои се финансирани од странски инвеститори, нашите компании не беа ниту конкурентни да настапат, согласно со максималистичките услови“ вели Серафимовски.
Според него, „добрите фирми се соочуваат со голема нелојална конкуренција, критериумот најниска цена ги руши сите надежи. Мора да има измени во Законот за јавни набавки, да се промени методологијата, да се специфицира градежништвото, да се донесат подзаконски акти во кои ќе се дефинираат критериумите кои ќе ја распознаваат спецификата и квалитетот кој треба да се добие. Добрата компанија да може да си го најде своето место во секторот“.
Неговиот став е дека „странските компании кои дојдоа во Македонија ништо не не научија ново, изгубивме доста време. Нови технологии не видовме. Има нееднаков третман. Одлив на кадар во странските компании. Ова е загубено време. Таа слика е во која македонското градежништво се наоѓа долго време“.
Зошто странските компании се привилегирани во земјава на сметка на домашните, Серафимовски за ова вели „се јавува револт, може крајно време е да ги замениме улогите. Ние да работиме под нивни, а тие да работат под нашите услови. Жалосно е што градежништвото учествува со 5,5 % во капитални проекти, а има капаците и со над 7% да учествува. Потенцијалите ги имаме“.
Со доаѓањето на новата власт евидентно е дека ќе има промена во договорот со „Бехтел и Енка“. За тоа дали македонските компании многу повеќе ќе партиципираат во изградбата на Коридорите 8 и 10Д, вели „ова е последна можност за спас. Очекуваме да има систем во кој сите ќе бидеме задоволни. Се надеваме дека новата Влада ќе обезбеди македонските компании работат под исти услови. Во моментов побитна е национална стратегија на градежништвото. Мора да направиме поголеми компании“.
„Во дури 89,4% од градежните фирми во моментов се со 1 до 9 вработени. Зарем тоа не е деградација на фелата. Само 0,14% (тоа се 7-8 фирми) се со над 250 вработени. Токму тие реализираат 18% од вкупното градежништо на годишно ниво“ потенцира Серафимовски.
Дециден е дека „мора тој принцип на неквалитетно и брзо градење да го замениме со поспоро но многу квалитетно градење. Мора да го смениме Законот за градба“.