„Сите сме научени да се ситуираме во извадоците од `Пиреј`, тоа што е наследство од Петре е некој наш тестамент, некоја наша должност да продолжиме оттаму од каде што застана Петре М. Андреевски“ – вели писателката Оливера Ќорвезироска – една од приредувачките на „Книга за Петре“.
Ќорвезироска вели „не може да се оддели што ни е позначајно од Петре М. Андреевски, расказите, романите, поезијата. Целокупното творештво ни беше некоја предлошка“.
„Во `Книга за Петре` пишувавме нова проза, врз основа на претходното творештво. Се добија многу интересни резултати, сите 19 писатели не ги знаеја расказите на другите додека го пишуваа нивниот расказ. При приредувањето видов чудесно преплетување, навраќања на она што е колективна меморија, заедничко обожавање и чествување на творештвото на Петре“ вели писателката.
За тоа колку Петре М. Андреевски беше јадрото на македонскиот патриотизам, ќе каже „писателите во основата имаат еден ангажман социјален, политички, секаков, но преку своите дела. Македонството на Петре М. Андреевски ни останува во една капсулирана форма и тоа е вистинското културно и книжевно богатство на нашиот народ“.
Ќорвезироска вели дека „во Македонија речиси не постојат професионални писатели. Не мислам дека тоа е неправда само во Македонија, исто е и во регионот, но мора да работиме сешто, и работи кои помалку ги знаеме за да си овозможиме да го работиме и она што најдобро го знаеме. Искрено, се надевам дека ќе се коригираат работите“.
Писателката која се бори за зачувување на македонскиот јазик вели „јазикот е средство на литературата, нема потреба да го браниме јазикот додека имаме ваква книжевноста каква што имаме, состојбата со македонскиот јазик во последните години е позагрижувачка за разлика од порано, не се плашам за јазикот додека постојат писателите кои пишуваат на овој јазик“.
Од стереотипите во општеството, ќе каже, ми пречи „дека успешните се снајдени, а помалку успешните се помалку снајдени. Успехот е општествена категорија. Поделбата на црно – бело, плус – минус ми пречи, помеѓу едното и другото има цели светови. Сето помеѓу нив е нашата суштина“.
„Верувам дека не постои иднина без минато, нова современа македонска книжевност без почитување на традицијата наназад. Континуитетот во нештата е она што ни дава надеж дека нештата ќе бидат подобри“ вели Оливера Ќорвезироска.