Русија го ограничи емитувањето на 81 европски медиум на своја територија како одговор на сличните мерки против руските медиуми во ЕУ, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
„Руската страна постојано и на различни нивоа предупредуваше дека политички мотивираното вознемирување на домашните новинари и неоснованата забрана на руските медиуми во ЕУ нема да останат незабележани“, се вели во соопштението, а пренесува порталот „Москва тајмс“.
Москва ги забрани медиумите од 25 земји.
Меѓу нив се Политико, ЕУобсервер, Франс прес, германски Шпигел и Цајт, француски Монд и Либерасион, италијански Република и Стампа, шпански Паис и Мундо, фински Иле и Хелсингин Саномат, литвански ЛРТ, естонска верзија на порталот Делфи, полска телевизија канал Belsat, шведската телевизија и радио компанија SVT.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека доколку се укинат ограничувањата за руските медиуми, руската страна исто така „ќе ја преиспита својата одлука во однос на споменатите медиумски оператори“.
Советот на Европската унија претходно го забрани емитувањето на Гласот на Европа, РИА Новости, Известија и Росијска газета во ЕУ поради „воена пропаганда“.
„Овие медиуми се под постојана директна или индиректна контрола на раководството на Руската Федерација и одиграа важна улога во промовирањето и поддршката на руската агресивна војна против Украина, како и во дестабилизацијата на соседните земји“, се вели во соопштението на Советот на ЕУ.
Во исто време, ЕУ нагласи дека оваа мерка нема да ги спречи вработените во медиумите „да вршат активности во ЕУ, со исклучок на радиодифузијата“.
Забраната за овие медиуми во Европската унија стапува на сила на 25 јуни.
Од почетокот на рускиот напад на Украина, ЕУ го забрани емитувањето на руските медиуми НТВ/НТВ Мир, Русија 1, РЕН ТВ, Први канал, РТ и Спутник.