Партијата мора да ги штити членовите и да ги вреднува сите подеднакво. Не смее да се дозволат привилегии на поединци на сметка на запоставување на мнозинството. Недозволиво е мал број луѓе да го окупираат времето на цело раководство и затоа ќе направиме систем во кој секој ќе може да има пристап и глас. Ова доликува на демократска партија која е свесна дека кредибилитетот го добива пред сè од своите членови, истакна д-р Венко Филипче при вчерашната посета на општинските организации на СДСМ во Тетово и Гостивар во рамки на неговото претставување пред членството на партијата како кандидат за претседател на СДСМ.
Филипче уште еднаш се заложи дека професионализмот и посветеноста ќе бидат единствен критериум за напредување во партиските структури со што СДСМ ќе се професионализира и ќе функционира како ефикасна организација.
-Професионалноста, трудот и посветеноста на секој член на раководството и телата на СДСМ ќе биде прв критериум за избор на кадрите. СДСМ мора да се професионализира до мера да функционира како ефикасна организација каде секој знае што работи и какви одговорности има. Како претседател ќе се потпирам на вистински професионалци, посветени социјалдемократи кои се спремни во две смени да работат во партијата, а јас лично ќе водам со пример, рече Филипче.
Тој денеска ја продолжува својата кампањата и средбите со членовите на СДСМ во Битола и битолско.