Топлотниот бран во Грција, Кипар и Турција однесе животи: Дали ова ќе биде најтоплото лето во Европа?

Делови од јужна Европа во последните денови беа погодени од рекордно високи температури поради навлегувањето на топол воздух од Северна Африка. Топлотниот бран што го зафати југот на Стариот континент однесе неколку животи, што доведе до затворање на училишта и туристички атракции.

Метеоролозите велат дека тоа би можело да биде најава за екстремни временски услови, кои допрва не чекаат летово.

Првиот топлотен бран во Грција во последните неколку недели ги однесе животите на најмалку пет туристи, меѓу кои и британскиот ТВ водител и доктор Мајкл Мозили.

Американски турист кој исчезна пред неколку дена е пронајден мртов во неделата на плажа на мал остров северно од Крф, објавија локалните медиуми. Исто така, во саботата на Самос беа пронајдени посмртните останки на холандски турист.

На голем број туристи им била потребна медицинска помош, откако живата во термометарот ја надминала четириесеттата граница во поголем дел од земјата. Инаку, температурата на Крит достигна 44,5 степени Целзиусови, додека на Пелопонез се измерени 43,9 степени, јавува Националната опсерваторија од Атина.

Најдолгиот топлотен бран во Грција е забележан во јули минатата година, кога вака високите температури траеја цели 16 дена, но некои експерти сметаат дека вакви периоди на екстремно високи температури се случуваат и порано.

Метеорологот Панос Јанопулос изјави за грчкиот канал ЕРТ дека во 20 век „никогаш немало топлотен бран пред 19 јуни.

„Имавме неколку во 21 век, но никогаш пред 15 јуни“, рече тој.

Сепак, Euronews пишува дека сега температурите низ Грција се стабилизираат и се враќаат во просек од 31 до 33 Целзиусови степени.

Исклучително топла недела е забележана и на Кипар, а во неделата здравствените власти соопштија дека од топлотниот бран починале вкупно двајца постари лица.

Најмалку тројца постари пациенти се во тешка состојба, а болниците се соочуваат со голем број случаи на исцрпеност поради високите температури, јавуваат локалните медиуми.

Државата во петокот го издаде првиот црвен метеоролошки аларм во сезоната, откако неколку области забележаа 45 степени Целзиусови, десет степени над просекот за овој период од годината, а веќе беше регистриран и најтоплиот јулски ден на сите времиња. Запирање на тешките и средно тешките работи на отворено побара инспекцијата на Министерството за труд.

Наставата беше скратена за помалите деца, откако училишниот систем беше критикуван за недостаток на климатизирани простори во училиштата.

Температурите во таа островска земја надминаа четириесет степени цела недела, а 2024 година досега беше десетта најсушна во последните 123 години.

Ваквите временски услови создадоа совршени услови за шумски пожари, а силниот ветер во планинската област југозападно од Никозија ја отежнува работата на пожарникарите. Досега изгореа повеќе од 3,2 квадратни километри шума.

Две заедници во областа Пафос беа евакуирани минатата недела кога пожарите им се заканија на нивните домови. Грција и Јордан ги испратија своите противпожарни авиони на помош.

Температурата во Турција минатата недела беше од осум до 12 степени над просекот за овој период од годината. Во неколку градови беа измерени 40 степени, а во Истанбул беше издадено предупредување за ограничување на времето поминато на сонце за чувствителните групи како што се старите и болните, трудниците и децата. Високата влажност, исто така, го отежнува ладењето во оваа земја.

Пожарите ја зафатија и Турција, а пожарникарите се обидуваат да ги држат под контрола користејќи авиони, хеликоптери и друга механизација.

Во петокот пламените јазици зафатија седум провинции низ Турција, но повеќето беа ставени под контрола до крајот на денот.

Најлошите прогнози сега поминаа, а температурата во моментов е во согласност со долгорочниот просек од околу триесет степени Целзиусови.