Пред точно шест години, на 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји, Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија и се отвори патот кон евроатлантската интеграција, но и кон нови перспективи во билатералните односи со Грција.
Договорот беше постигнат во период кога кај јужниот сосед на власт беше СИРИЗА, кај нас СДСМ и го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, а во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во нашето Собрание и во грчкиот Парламент, Договорот, на 12 февруари 2019 година и официјално стапи во сила.
Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.
Земјата стана 30-та членка на НАТО и (делумно) се отвори патот за членство во Европската Унија, а Северна Македонија, на југ, како што доста често се слушаше од двете страни, доби земја-пријател, но и сојузник.
На решението му претходеа преговори што траеја 27 години, периодично беа со позасилено темпо и почести средби, но имаше и периоди кога беа во застој и прекин, но секогаш завршуваа без заемно прифатливо решение, се до крајот на 2017 година кога се интензивираа разговорите по речиси тригодишен застој и беше постигнат Договорот.
Во Грција, иако една година по потпишувањето, се смени власта, сепак, Договорот се почитува, во изминатите години беше интензивирана соработката меѓу двете земји, во низа области како што се економијата, енергетиката итн, а Атина е силен поддржувач на европската перспектива на сите земји од регионот, меѓу кои и нашата.
Ставот на Владата на Нова демократија е дека и покрај тоа што како опозиција не го поддржаа Договорот, сметајќи дека е штетен за националните интерес, како Влада има обврска да го почитува, бидејќи станува збор за меѓународен договор што ја обврзува секоја Влада во рамките на континуитетот на државата.
Токму ова е и пораката што официјална Атина ја упатува до Скопје, сега, кога и кај нас има промена на власта.
Договорот од Прспа повторно актуеленПо инаугурацијата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова на 12 мај, кога го употреби името Македонија, а со оглед на тоа дека временски се поклопи со периодот кога кај јужниот сосед започнуваше предизборната кампања за европските избори, Договорот од Преспа се актуализираше во Грција и подолг период беше една од главните теми во земјата, на која во низа интервјуа и говори се осврнаа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, лидерот на опозициската СИРИЗА Стефанос Каселакис, но и претставници на Владата во Атина.
Пораките од Атина до Скопје беа дека Договорот од Преспа е меѓународен договор што мора да се почитува, дека името на земјата е Северна Македонија ерга омнес, односно за севкупна употреба, дека ЕУ перспективата на земјата неопходно поминува низ Грција.
– Очекував честитка од јужниот сосед за убедливиот триумф, но за жал добивме политички мускули – коментираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, една седмица по двојните избори кај нас, со оглед на тоа што официјална Атина не упати честитка за изборот на новата претседателка.
За употребата на името Македонија и името Северна Македонија и претседателката Сиљановска Давкова и Мицкоски неколку пати повторија и објаснија дека го почитуваат Договорот од Преспа како меѓународен договор, но паралелно имаат индивидуално и човеково право како да ја нарекуваат државата.
Веднаш по инаугурацијата и реакциите од Атина, од Кабинетот на претседателката истакнаа дека Гордана Сиљановска Давкова „во своите јавни настапи има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи и согласно европските вредности и начела“, но и дека ќе се придржува до официјалната примена на уставното име.
Овој став претседателката го повтори и објасни во неколку наврати, а последниот беше за време на прес-конференцијата по Самит на земјите вклучени во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) кога кажа дека „не мисли дека го крши Уставот и оти неупотребувањето на уставното име може да предизвика проблеми“.
– Да потсетам, моите документи, тие што ги потпишувам, тие што ги поседувам, пасош, лична карта, сите документи кои излегуваат од кабинетот се со уставното име. Тоа е во рамки на меѓународното право и во рамките на Уставот. Точно е дека секоја изјава на луѓето од политиката, од оние кои се на функции се толкува како да е официјален чин, но секој од нас има, како јин јанг две лица, едно официјално и едно друго. Јас како човек имам право, повторувам од Сократ до денеска, во рамки на слободата и мислата, слободното изразување на мислата, да се изразувам така како што тоа го правам и не мислам дека тоа е кршење ниту на Уставот ниту на меѓународното право – истакна Сиљановска Давкова.
Грчкиот премиер упатуваше порака и до мандатарот Христијан Мицкоски дека од него очекува штом положи заклетва, „да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа и дека името на неговата земја е Северна Македонија и тоа ќе го користи во и вон земјата“, коментираше дека „кога некој е избран за премиер, не постои индивидуален статус на премиер, бидејќи премиерот е институционално тело“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар, објасни дека нема намера да се однесува талибански, но оти и не очекува некој друг да се однесува на тој начин, нагласувајќи дека тие се придржуваат кон ерга омнес во однос на името, но и дека е потребно да се направи подлабинска анализа за тоа што од страна на Грција е исполнето од Преспанскиот договор.
– Па ерга омнес ние го користиме. Членот седум од Договорот, став 2 и 3 се многу јасни. Што значи кога едната и другата страна го употребуваат терминот Македонија и македонски, членот 1 од истиот Договор. Јас повторно би сакал да ги замолам медиумите овде во Македонија малку повеќе да посветат внимание на анализа на тоа што нашиот јужен сосед има исполнето од Договорот, а помалку да биде провокација моето човеково загарантирано право со многу конвенции на употреба на терминот Македонија, името на мојата татковина во којашто јас сум се родил и придавката македонски. Ајде да видиме што тие направија овие шест години, изјави Мицкоски на почетокот на месецов откако го доби мандатот за формирање Влада.
Неколку дена подоцна порача дека Договорот од Преспа треба да се почитува и имплементира и од јужниот сосед.
Решението на спорот со името целосно ги нормализираше билатералните политички односи кои влегоа во нормален тек, со редовна и активна меѓусебна комуникација, со средби и посети, а резултираше и со прва официјална посета во Грција на претседател на Северна Македонија, како и прва официјална посета на грчки премиер на земјава.
Во октомври 2021 година, претседателот Стево Пендаровски беше првиот шеф на државата кој ја посети Грција и со високи почести беше пречекан во Атина, додека пак помалку од една година по потпишувањето на Договорот, во април 2019 година, тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас го посети Скопје и се одржа првиот совет за соработка на високо ниво кој го сочинуваат претставници на двете влади, заеднички предводен од премиерите.
Меѓутоа, актуелниот грчки премиер сè уште не бил во официјална, работна или неформална посета на Скопје, ниту пак беше договорена возвратната посета на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу.