Извештајот на комисијата на Министерството за култура составена од правници, инспектори и финансиски стручњаци, добиен со барање за информации од јавен карактер, ги потврдува и проширува наодите на ДКСК, ДЗР, Транспаренси, како и претходните негативни мислења на самото Министерство за работата на Агенцијата за филм.
Во Агенцијата се констатирани десетици криминални дејствија при увидот што го изврши комисија на Министерството за култура. 39 проекти добиле средства во висина од 50 милиони денари, а не снимиле филмови ниту ги вратиле парите.
Агенцијата толерирала и фалсификат на документи од страна на повластени продуценти.
Местени се конкурси од лица со судир на интереси: финансиски советник и рецензенти.
Агенцијата со години незаконски му исплаќала средства на приватното здружение ДФРМ.
ДФРМ, кое е организатор на Фестивалот Браќа Манаки, со години не поднесува финансиски извештаи за истиот.
Незаконски се извлекувани средства и преку фестивалот Златна Рамка.
Законот се прекршувал во континуитет од директорот, Бојан Лазаревски и од Управниот одбор, како и од група концентрирана околу приватното здружение ДФРМ кое го раководат Игор Иванов-Изи и Томи Салковски.
Концентрација на моќ имало кај финансискиот советник Бранко Петровски, кој дури седум години во континуитет решавал за проекти иако, според стручно мислење на Министерството за култура, не ги исполнува условите за финансиски советник, и кој имал судир на интереси.
Петровски им бил финансиски советник на двајцата директори, Бојан Лазаревски и Горјан Тозија, против кои претходно се поднесени кривични пријави за финансиски малверзации.
Судир на интереси е констатиран и кај Ана Василевска која, како и Петровски, примала исплати во исто време од Агенцијата, ДФРМ, „Медиа програмата“ и Министерството за култура.
Утврдени се незаконитости и во трошењето на парите за филмот „Хомо“ на Игор Иванов-Изи, кој – и покрај тоа – е 100% исплатен од АФ.
„Агенцијата за филм работи нетранспарентно, неотчетно, неодговорно, во работата повластува одредена група на продуценти и работи спротивно на Законот за филм и другите закони. Работата на АФ е подредена на субјективизмот на мал број на лица кои имаат одлучувачки функции во остварувањето на нејзините надлежности. Таквото констатирано работење создава сомнеж за постоење индиции за прекршување и на Кривичниот законик.“, се вели во дел од извештајот.
Целиот извештај од работењето на Агенцијата за филм во периодот на управувањето на Горан Тозија, Бојан Лазаревски и Владимир Ангелов, можете да го погледнете на овој ЛИНК!
Од друга страна, Министерството утврди дека оти немало никакви прекршувања во работата на „Банана Филм“ и во проектите на Милчо Манчевски. УО и Агенцијата селективно, незаконски и злонамерно ги забранила неговите проекти „Кајмак“ (веќе завршен) и „Биста“ (стопиран во фаза на развој).
Манчевски уште лани во интервју за „Трилинг“ негираше дека крие финансиски извештаи за „Мајки“ и „Сенки“.
– Секој треба да одговара и никој не е над законот. Агенцијата за филм и тие 6 луѓе кои во моментов ја приватизираа филмската индустрија во моментов пласираат невистини за мене преку партиски медиуми. Извештаи се поднесени. Доколку не беа поднесени извештаи како агенцијата за филм или министерството за култура ќе продолжеа да соработуваат со мене, изјави тогаш Манчевски.