Заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска вели дека одложениот отчетен конгрес на партијата, кој вчера започна па се одложи, ќе биде завршен до 30 јуни пред да се одржат внатрепартиските избори за нов претседател.
Во гостување на Телевизија 24, Лукаревска информираше дека треба да имаат продолжување за многу брзо време.
– Сметам дека треба да имаме продолжување за многу брзо време. Има посебна работна група која работи на отчетниот конгрес. Таму покрај извештајот, имаме многу други точки на дневен ред за дискутирање. Само едно на крајот можам да кажам – Конгресот на СДСМ е демократско начело и таму секој делегат може да каже што мисли и се надевам дека таму ќе има помалку критизери, а повеќе добронамерни критичари, рече Лукаревска.
Лукаревска вели дека е вообичаено прво да се обрати претседателот на партијата што Ковачевски и го стори. На коментарот даден за ТВ 24 на еден од кандидатите за претседател на партијата, Јован Деспотовски, дека е преседан да се прекине конгрес и дека никогаш досега тоа не се случило, Лукаревска вели дека секогаш имало делегати кои не доаѓале на конгресот, но според неа тоа не е причината за прекинувањето на конгресот.
– Извештајот вели дека нашата грешка е пренагласеноста на некои наши стратегии и визии. Секоја изборна единица има различна теза и политика која е приоритет, а ние бевме насочени кон тези кои не беа вистинскиот наратив за тие гласачи. Ние недоволно се обраќавме на неопределените. Ние не излегувавме во пресрет на одредени интереси на членството, како и нашата недостапност и ароганција, вели таа.