Францускиот претседател Емануел Макрон ненадејно го распушти парламентот и распиша предвремени избори откако неговата партија беше тешко поразена на европските избори. Изборите ќе се одржат на 30 јуни и 7 јули.
Макрон им се обрати на француските граѓани преку видео порака објавена на социјалните мрежи, во која вели дека е невозможно да се преправаме дека ништо не се случило. Тој тврди дека резултатот од европските избори не е добар за неговата влада и додаде дека подемот на националистите е опасен за Франција и Европа.
Француската крајнодесничарска лидерка Марин Ле Пен ја поздрави неговата одлука да распише предвремени избори.
Макрон денеска доживеа тежок пораз на европските избори од лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен, чија победа и ги зголемува шансите на претседателските избори во 2027 година.
Партијата на Ле Пен освои околу 32 отсто од гласовите, десет повеќе отколку на претходните европски избори во 2019 година и 17 отсто повеќе од партијата на Макрон, покажуваат излезните анкети. Социјалистите добиваат 14 проценти.