Годинашната „Македонската книжевна визита во Софија“, чија цел е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија и продлабочување на македонско-бугарските книжевни и културни врски, вечерва, во салонот на македонскиот КИЦ во Софија, беше отворена со книжевниот портрет на современиот македонски поет, прозаист, есеист, преведувач, универзитетски професор, академик Влада Урошевиќ.
Во присуство на бројни љубители на литературата и претставници на македонската амбасада во Софија, за поетското творештво на академикот Урошевиќ беседеше универзитетската професорка Лидија Капушевска Дракулевска.
Анализирајќи ги и сумирајќи ги книжевните постигнувања на академикот Урошевиќ, со акцентирање на неговиот значаен придонес во развојот на македонската современа литература, Капушевка Дракулевска, меѓу другото истакна:
„Живееме во свет што претставува своевидна симфонија на страв и ужас и иако Урошевиќ нема илузии дека поезијата има моќ да ја спречи дехуманизацијата на денешниот свет и актуелните турбуленции од планетарни размери (војни, бегалски кризи, еколошки катастрофи, монструозни експерименти во биотехнолошките и компјутерски лаборатории и сл.), тој верува во „скриената сила“ на поезијата и во пророчката улога на поетот, како во песната „Озборувања“, во која читаме: „Тој води кртови на прошетка низ рудници, / тој е плашило вљубено во молњата. / Тој има в џеб пеколна машина / темпирана за по три века; тој е поет.“
На овој прв настан од манифестацијата беа презентирани стихови од Урошевиќ на македонски и на бугарски јазик, а благодарствена беседа имаше и самиот Урошевиќ кој ја истакна незаменливата улога на Македонската книжевна визита како мост на зближување на македонските и бугарските писатели и настан кој на единствен начин ја популаризира македонската книжевност во Бугарија.
Првата вечер од оваа значајна културна манифестација која годинава се одржува по 15-ти пат беше дополнета и со доделувањето на наградата „Македонски книжевен Дедал“. Ова признание годинава посмртно му беше доделено на познатиот бугарски писател Алек Попов, кој со своето книжевно дело изгради своевидна вертикала на современата бугарска литература и со неговите книжевни врски и соработка со македонската книжевност и култура остави траен белег во пријателството на двете култури и народи. Беседа за делото на Алек Попов одржа писателот и преведувач Душко Крстевски, кој од богатата книжевна актива посебно ја нагласи соработката на починатиот Попов со македонската литературна, телевизиска и медиумска средина.
Писателите учесници на 15-тата Македонска книжевна визита во Софија утре, заедно со многубројната публика ќе го проследат документарниот филм посветен на деценија ипол долгата мисија на оваа книжевна манифестација. Филмот е во продукција на Книгоиздателствто Макавеј, а манифестацијата ќе биде затворена со големиот вечерен поетски митинг на кој ќе учествуваат македонските и бугарските поети – Влада Урошевиќ, Маја Панајотова, Бранко Цветкоски, Димитар Христов, Јулијана Величковска, Николај Шопов, Димитар Башевски, Поли Муканова, , Лора Динкова, Душко Крстевски, Иван Христов, Иван Антоновски, Тања Попова, Тихомир Јанчовски, Петар Андасаров, Марија Велинова и Атанас Капралов.
Учесниците на манифестацијата оваа година ќе го посетат спомен-домот на легендарната бугарска поетеса Дора Габе.