Доскорешниот потпретседател на СДСМ и пратеник во новиот собраниски состав, Фатмир Битиќи во подолга објава на социјалните мрежи вели дека нема да се кандидира за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, иако, како што пишува, знае дека тоа го очекуваат многу од неговите сопартијци, пријатели и симпатизери на партијата.
Причината за ваквата негова одлука, наведува Битиќи, е за да ја спречи понатамошната фрагментација и поларизација меѓу членство на партијата. Најавува и фракционерско или делување како група во рамките на СДСМ, сè додека, како што наведува, кандидатот што ќе биде избран за претседател на партијата на дело не ги покаже сите оние вредности за кои тие се залагаат.
Инаку, вчера своите кандидатури за претседател на СДСМ официјално ги поднесоа ексминистерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски.
Во објавата на Фејсбук насловена „Може и поинаку“, Битиќи вели дека тоа што во последните три години ја извршувал функцијата потпретседател на СДСМ не го фаворизира, ниту го прави посоодветен од кој било член и членка на партијата за функцијата претседател.
За потсетување, тој и Перо Костадинов, кој исто така беше потпретседател на СДСМ, си поднесоа оставки од партиските функции речиси веднаш по објавувањето на резултатите од изборите на 8 мај, на кои нивната партија доживеа тежок пораз.
Во однос на сопартијците кои ги поднесоа своите кандидатури, Битиќи смета дека секој што ги споделува социјалдемократските вредности и е со желба за „вредносно возобновување на партијата во периодот што следи“ заслужува да ја добие неговата и поддршката на сите членови, но има забелешки за актуелните процеси во СДСМ, во контекст на заземањето страни од страна на дел од членството и давањето поддршка за своите фаворити.
„Дел од нашите сопартијци веќе излегоа со свои кандидатури и тоа е нивно право – сметам дека секој(а) што ги споделува социјалдемократските вредности, бил(а) активно вклучен(а) во претходните изборни процеси со цел победа на СДСМ и е со желба за обединување и вредносно возобновување на партијата во периодот што следи, заслужува да ја добие мојата и поддршката на сите наши членови. Во исто време, дел од членовите веќе заземаат страни и даваат поддршка за своите фаворити на начин кој, според мене, не е најдобриот ако најважната цел во овој период ни е зачувување на единството и достоинството во СДСМ. Сега ни треба отчетност, интегритет, транспарентност и фер во изборите што претстојат – а со почитување на истите ќе покажеме дека државотворноста на Социјалдемократскиот сојуз не е само на хартија“ – пишува Битиќи.