Мицотакис: Патот на Скопје и Тирана кон Европа поминува и низ Грција

Нашиот глас на изборите станува порака до нашите северни соседи. Нивниот пат кон Европа минува и низ нашата земја, преку почитување на меѓународниот легитимитет, на владеењето на правото, на Договорите. Нешто што се однесува како на Скопје, така и на Тирана, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Солун, за време на предизборниот митинг во пресрет на евроизборите.

Деновиве кулминира предизборната кампања во Грција за европските избори што ќе се одржат в недела, Мицотакис вчера говореше на митингот на Нова демократија во Солун, а утре ќе го одржи последниот собир, традиционално во центарот на Атина.

Паралелно со митинзите, грчкиот премиер предизборните пораки до граѓаните ги испраќа и преку интервјуата, а последното беше вчера за телевизијата „Антена“.

Мицотакис, меѓу другото, уште еднаш побара од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кога официјално ќе стане премиер, да даде категорична изјава, дека го почитува Договорот од Преспа во кој „основното достигнување е едно име за сите, ерга омнес“.

-Во спротивно, единственото нешто што ќе може да го постигне е да има едно многу непријатно прво искуство, кога сите заедно ќе се сретнеме во Вашингтон, на 75-годишнината од НАТО, на почетокот на јули, додаде Мицотакис и уште еднаш повтори дека и на НАТО Самитот ќе го покрене конкретното прашање.

На прашањето дали е на маса можноста Грција да им го блокира патот на Скопје и Тирана кон Европската унија, Мицотакис изрази оптимизам дека нема да биде потребно тоа, бидејќи, како што рече сигурен е дека „на крајот ќе надвладее логиката“.