Парламентот на Словенија денеска го одобри признавањето на независна палестинска држава, отфрлајќи го барањето на главната опозициска партија за референдум за ова прашање. Гласањето доаѓа откако словенечката влада минатата недела одлучи да ги следи Шпанија, Ирска и Норвешка во признавањето на Палестина како независна, суверена држава, како дел од напорите да се запре израелската офанзива во Појасот Газа.
Претставувајќи ја одлуката на Љубљана како „порака за мир“, премиерот Роберт Голоб рече дека тоа е важен чекор и предуслов за преговори за решение со две држави. Владејачката коалиција има мнозинство во парламентот од 90 места. Документот за признавање на палестинската држава го одобрија 52 пратеници, со еден воздржан и без глас против, а претставниците на опозицијата ја напуштија седницата.
Во понеделникот Словенечката демократска партија на поранешниот премиер Јанез Јанша поднесе барање за одржување на консултативен референдум за признавање на Палестина. Како што пишуваат словенечките медиуми, Јанша рекол дека владината одлука за признавање на Палестина веќе и нанела долгорочна штета на Словенија „бидејќи ја поддржува терористичката организација Хамас“.
Израелското Министерство за надворешни работи минатата недела ја осуди одлуката на Словенија да ја признае независната палестинска држава. Министерот за надворешни работи Израел Кац рече дека одлуката, за која ќе гласа парламентот, е награда за Хамас за убиства и силувања. Во изјавата, Кац рече дека овој потег, исто така, го зајакнува Иран, непријателот на Израел, и му штети на „блиското пријателство на словенечкиот и израелскиот народ“.
Ирска, Норвешка и Шпанија официјално ја признаа независна Палестина минатата недела. Шведска го направи тој потег пред десет години. Сите овие потези го зајакнаа палестинското прашање во светот, но го налутија Израел. Повеќе од 140 од 193 земји-членки на Обединетите нации ја признаваат Палестина како суверена држава. Западноевропските земји и САД долго време беа исклучок.