Новоизбраниот претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, за судија во Уставен беше избран од Собранието на 11 јануари 2018 година, заедно со Осман Кадриу.
И двајцата беа предлози на тогашниот претседател на државата Ѓорге Иванов.
Костадиновски е доктор на правни науки.
Роден е во Скопје на 27 ноември 1974 година. Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје 1997 година.
Во 2008 година станува магистер на правни науки, а во 2012 година и доктор на правни науки.
Од 2001 до јануари 2018 година работи во кабинетот на претседателот на државата.
Според неговата биографија, објавена на веб-страницата на Уставниот суд, до 2010 година работи како асистент на советникот за надворешна политика и раководител на одделението за ЕУ и НАТО, а од 2010 до 2018 година е државен советник за надворешна политика.
„Од 2015 до јануари 2018 година ја извршува должноста пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации“ – се наведува во биографијата.
На 11 јануари 2018 година е избран за судија на Уставниот суд.
Костадиновски е избран на функцијата со 6 гласа „за“.
Инаку, на функцијата тој ќе ја наследи својата колешка Добрила Кацарска, чиј мандат како претседателка на Уставен истече во неделата на 2 јуни.